Претседателот Стево Пендаровски се уште нема добиено формално известување од Собранието дека е констатирана оставката на премиерот Зоран Заев, која повлекува оставка на целата Влада.
Собранието на Република Северна Македонија денеска на седница ја констатира оставката на премиерот Зоран Заев.
За констатираната оставка претседателот на Собранието треба веднаш да го информира претседателот на државата, со што почнуваат да течат уставните рокови за избор на нова Влада.
Потоа, според член 90 од Уставот, претседателот на државата е должен во рок од десет дена да го довери мандатот за состав на Влада на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.
Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Се очекува парламентарното мнозинство за мандатар да го предложи новиот лидер на СДСМ и актуелен заменик министер за финансии Димитар Ковачевски.
По добиениот мандат Ковачевски во првата половина на следниот месец до Собранието би требало да ги достави програмата и предлогот за состав на новиот владин кабинет, по што би уследил избор на неговата влада на собраниска седница.