Иднината на Западниот Балкан е во Европската Унија. Европската Унија треба да ја држи вратата отворена, не само заради потребата од сериозни резултати во делот на европските критериуми за демократија, владеење на правото, борбата против корупцијата, туку и заради можноста од користење на евентуалниот вакум од страна на надворешни фактори, кои промовориаат геополитички концепти, кои не се базирани на општите европски вредности.
Ова го истакна претседателот Стево Пендаровски, кој во Њујорк учествуваше на 20.состанок на високо ниво во организација на Меѓународниот центар Низами Ганџави, што се одржа на маргините на 76. Генерално собрание на Обединетите нации. Претседателот се обрати на тема „Што значат мирот и стабилноста во 21. век?“ во рамки на сесијата „Специјално обраќање: Мир и стабилност: Иднината на Западен Балкан“.
Како што соопшти Кабинетот на Пендаровски, претседателот говореше за искуствата на земјите од регионот на Западен Балкан по падот на комунизмот, констатирајќи дека заради низа објективни причини, како што беа конфликтите во поранешна Југославија, економската девастација, бројните отворени прашања, ниту една земја од регионот не може да се вброи како лидер на посткомунистичкиот период во Европа.
Претседателот се осврна на искуствата на Република Северна Македонија, ставајќи акцент на направените компромиси со соседите, членството во НАТО и посветеноста на интеграцијата на земјата во Европската Унија. Пендаровски констатираше дека одржувањето на перспективата за членство во Европската Унија е клучниот двигател за реформите, не само во нашата држава, туку и во земјите од Западен Балкан, додека самото членство – клучно за обезбедување долгорочна стабилност, мир и просперитет во регионот.
Во оваа смисла, опишувајќи го евидентниот застој во интегративните процеси на сите земји од Западен Балкан во изминатите неколку години, претседателот Пендаровски, како што се наведува, изрази загриженост и предупреди дека неизвесноста на овој план би можела битно да влијае на мирот и стабилноста во регионот. Претседателот подвлече дека резултат на сегашниот застој се, спорото реформско темпо и подемот на евро-скептицизмот во сите држави од Западниот Балкан.
Во своето обраќање, претседателот ја истакна и важноста на односите меѓу Европската Унија и САД, кога се зборува за мирот и стабилноста на Западен Балкан, констатирајќи дека секогаш кога односот помеѓу ЕУ и САД бил добар и силен, тогаш се гледале придобивките за регионот, Европа и евроатлантскиот регион во целина.