Јас сум еден од оние кои во изминативе децении бил конзистентен во ставот дека Европската унијата е најдобрата опција за нас и искрено, едвај го чекам денот кога ќе ги отвориме, а уште повеќе денот кога ќе ги затвориме преговорите за членство, рече претседателот Стево Пендаровски во Собранието.
-Меѓутоа, во контекст кога ги знаеме нашите црвени линии и јавно ги браниме, не треба да бидеме преокупирани со тоа колку време ќе им треба на другите да се соочат со вистината за нас. Наместо тоа, треба да бидеме опседнати со клучните реформи дома од кои зависи квалитетот на животот на нашите граѓани – рече Пендаровски.
Тој посочи дека се залага за внимателен и обмислен пристап во преговорите со Софија, без нагли пресврти, затоа што, според него, се работи за прашање од апсолутно највисок национален интерес.
-Од неодамна, таму имаме нова Влада и претседател со нов мандат кои испраќаат и поинаку интонирани пораки. Со дел од нив сум целосно согласен. Имено, акцентот во нашите односи да го пренесеме, од минатото во сегашноста и наместо за етничките чувства на луѓето од пред 10 векови, да зборуваме за иднината, за енергетско и инфраструктурно поврзување и, на пример, за коридорот 8 кој никогаш не стана конкурентен на коридорот 10, се разбира, на штета и на македонските и на бугарските национални интереси – порача Пендаровски.