Идејата за одржување Самит на земјите од Западен Балкан и ЕУ е со цел да се отфрлат алтернативите на евроинтеграциите, вели македонскиот претседател Стево Пендаровски во интервју за РТС, во пресрет на неговата посета на Белград на 22 ноември на покана на шефот на српската држава Александар Вучиќ.
– Францускиот претседател Емануел Макрон спомена неколку категории освен проширувањето. Тој целиот регион двапати го именуваше како соседи. Ние не сме соседи на ЕУ, соседи се земјите од Источното партнерство, Молдавија и државите од Централна Азија и Северна Африка. Ние преговараме за да станеме членки. Конечно, на еден од своите состаноци во Брисел, на нашата делегација неофицијално и беше кажано дека во високи европски кругови се размислува за алтернатива за членство која се вика европска економска зона. Тоа е форма на поширок европски пазар, но не и да сте член во политичките институции – изјави Пендаровски.
Тој смета дека сите што се погодена од актуелната политика на ЕУ треба да потпишат декларацијата дека не планираат да се задоволат со членството во, како што вели, некаква европска економска зона.