Неодамнешното двојно грозоморно убиство на површина го извлече фактот дека дел од радикалните структури, не само што се активни кај нас туку и дека нивната политика и говор на омраза можат да резултираат со трагични последици. Времето на растечкиот национализам не ја одминува и нашата држава и, за жал, сè почесто сме сведоци на националистички провокации што доаѓаат од одредени политички и верски кругови, со единствена цел, преку наметнување на својот светоглед да ја нарушат стабилноста на државата и да го минираат демократскиот поредок.
Ова, како што информираат од кабинетот на шефот на државата, го истакнал претседателот Стево Пендаровски во синоќешното обраќање на конференцијата по повод Меѓународниот ден на човековите права, 10 Декември, во организација на Агенцијата за остварување на правата на заедниците и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
-Затоа сметам дека првенствена задача на сите демократски политички структури е јакнење на отпорноста на институциите и континуирана борба против екстремистите, без дневно политички калкулации,нагласил Пендаровски.
Тој ја посочил важноста на одбележувањето на 75-годишнината од донесувањето на Универзалната декларација за човекови права од страна на Генералното собрание на Обединетите нации, токму на овој ден во далечната 1948 година, кој од тогаш се одбележува како меѓународен Ден на човековите права.
-Седум и пол децении подоцна имаме право да бидеме горди на промените кои во светски рамки се случија во однос на заштитата и промоцијата на човековите права и слободи во однос на стартната основа од која тргнавме. Треба да имаме предвид дека почетокот на борбата за човековите права беше само неколку години по ужасните страдања во Втората Светска Војна за кои одговорноста ја имаа тоталитарните и репресивни режими како што беа нацизмот и фашизмот, истакнал претседателот на конференцијата.