Претседателот на државата Стево Пендаровски на денешното обраќање во јавноста информираше дека ќе донесе одлука за продолжување на вонредна состојба за уште 30 дена.
„По реферирањето на надлежните министри беше заклучено дека сите ресурси се насочени кон справување со пандемијата со корона вирусот. Но, за жал ситуацијата во Куманово се усложнува. Мојот став е дека за ситуацијата во Куманово треба да се примени успешниот модел од Дебар. Последните денови трендовите се негативни и во Прилеп. Здравствениот кадар, полицијата и армијата се мобилизирани деноноќно. Советот за безбедност дискутираше и за одлуката за прогласување за вонредна состојба. Постојната вонредна состојба завршува денеска и нема да биде формално правна продолжена бидејќи немаме уставна можност. Затоа јас ќе донесам нова одлука за донесување вонредна состојба за во наредните 30 дена. Во моментот спаѓаме во земји со најдрастични мерки во регионот – истакна Пендаровски.