Добро е што Европската Унија се обидува повторно да се фокусира на Западниот Балкан и притоа го држи во фокусот нашето прашање, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за МИА во однос на Самитот ЕУ- Западен Балкан во Брдо кај Крањ во Словенија.
-Во овој случај не станува збор за некоја посебна иницијатива, станува збор за едно регуларно собирање на државите од Западниот Балкан со земјите членки на Европската Унија, што е пракса наназад со години – вели Пендаровски.
Тој додава дека постојат неколку иницијативи внатре во рамки на тој Самит од држави-пријатели на Западниот Балкан кои, според него, се обидуваат да креираат амбиент за да дојде до пробив во однос на спорот со Бугарија.
-Ние одамна ги исполнивме сите услови, ова дојде како гром од ведро небо, блокадата од Бугарија, која практично на ланскиот, мартовскиот Совет на Европската Унија даде зелено светло и подоцна почна да ги испоставува овие дополнителни услови – рече Пендаровски.