Делчев вистински му припаѓа на оној народ кој ќе го оствари неговиот завет, а неговиот завет бил слободна македонска држава. Ова го изјави претседателот на Македонија, Стево Пендаровски во својот говор по повод Илинден.
-Историските извори сведочат дека во свечено украсената манастирска просторија, пред многубројните делегати биле истакнати портретите на Тито, Сталин, Рузвелт, Черчил и на Гоце Делчев. На една од паролите во салата било запишано: „Слава на Гоце Делчев, првоборецот на македонската народна ослободителна борба“. Отворајќи го заседанието, стариот илинденец Панко Брашнаров во својот говор спомнал само една личност, а тоа е Гоце Делчев. И Манифестот на АСНОМ до македонскиот народ зборува за борбата „запоена со духот на Делчев“ и завршува со повикот: „Дигнете го уште повисоко знамето на Делчев! Гответе се за последните удари на фашистичкиот окупатор! Гответе се за ослободуение на Македонија!“ Иако живеел само 31 година, а неговата револуционерна дејност траела помалку од деценија, тој успеал да му влее верба на народот дека само со сопствени сили и добро подготвено востание ќе може да се ослободи. Делчев ги обедини двата врвни идеали на секоја млада генерација, а тоа се политичката слобода и социјалната правда.
Делчев вистински му припаѓа на оној народ кој ќе го оствари неговиот завет, а неговиот завет бил слободна македонска држава. Затоа, тој и беше симболичен сведок на државотворниот АСНОМ каде што делегатите ја формираа слободната македонска држава со неговата слика пред очите, рече Пендаровски.