Да уживаме во уметноста, во благородното и во убавото, порача претседателот на државата Стево Пендаровски на отворањето на 62. издание на фестивалот „Охридско лето“.
Пандемијата, нагласи тој, две години оневозможи вистинска фестивалска атмосфера и влијаеше врз фестивалската програма, но „Охридско лето“ на достоинствен начин се враќа со квалитетна понуда на музички и сценски настани како што му прилега.
– Благодарение на најреномираната културна манифестација кај нас – фестивалот „Охридско лето“, повеќе од шест децении сме сведоци на извонредни изведби на меѓународно признати и познати уметници. Од особено значење е што на програмата на „Охридско лето“ се присутни и врвните македонски музички и театарски уметници, чиишто креации ѝ се добро познати и на домашната и на светската публика, истакна претседателот.
Во епоха на информациско-технолошки и научен развој, забележа дека без преседан, наместо луѓето да бидат посигурни и посреќни, живеењето на многу места во светот се претвора во борба за власт, доминација над другите и во опседнатост со материјалното.
– Сведоци сме на воени конфликти, глобални здравствени закани, непочитување на човековите права и слободи, понижување на достоинството, тектонско изместување на вредностите и губење на моралниот компас. Најтрагично е што стануваме имуни на туѓото страдање и на туѓата болка, а сочувството и солидарноста исчезнуваат од нашите животи како реликти на некое минато време. Од уметност на живеење денес дојдовме до уметност на преживување, нагласи Пендаровски.