Пендаровски да стави вето на измените на Кривичниот законик, бара Платформата на организации против корупција

by fokus

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата денеска побара од Претседателот на државата Стево Пендаровски да го искористи уставно загарантираното право на вето, и да не го потпише указот за прогласување на измените на Кривичниот законик кои вчера ги усвои Собранието.

Платформата нагласува дека има две причини зошто Претседателот Пендаровски има должност да го искористи ветото.

-Првата причина е дека со измените на членовите 353 и 353-в, предложеното намалување на казните ќе резултира со:

Застарување на многу случаи од висок профил како Титаник, Таргет/Тврдина, ТНТ, Титаник 2, Трезор, Талир, Шпански скали и Траекторија, како и други случаи од понизок профил. Ќе ја урниса довербата дека борбата против корупцијата е можна, и ќе ги демотивира граѓаните да пријавуваат корупција. Ќе ја намали превентивната функција на системот на кривична правда.

Втората причина е поврзана со процедуралните недоследности, во кои измените на овие два члена се разгледувани со специјална и кратка процедура под капата на европско знаменце, иако според постоечките кореспондентни табели не се усогласуваат со европското право. На тој начин, се изигруваат скратените процедури и Собранието не ја исполнува својата должност на делиберација по нормите кои ги носи, се вели во соопштението.

Претставниците на граѓанските организации членки на Платформата доставија и официјално писмено барање до претседателот Пендаровски.

Поврзани новости