Националниот координатор за подготовка на Македонија за членство во НАТО, Стево Пендаровски, зборувајќи за вредностите на Илинден и за престојниот референдум вели дека ДНК на современа Македонија е составена од три историски одлуки, и четвртата која треба да го заокружи нејзиниот меѓународен легитимитет.
„Со Прохор Пчински во 1944 и референдумот за независност во 1991 година, Македонците за првпат во својата историја формираа своја држава. Со Рамковниот договор во 2001 година државата го призна ноторниот факт дека не е држава само на Македонците, а на претстојниот референдум за договорот за името и влезот во НАТО и ЕУ, Македонија треба дефинитивно да се позиционира како дел од западната цивилизација, и преку прифаќање на фактот дека се протега на еден дел од географска Македонија, де факто, да постигне историско помирување со своите соседи по поделбата во 1913 година“, изјави Пендаровски за „Дојче веле“.
Смета дека во сите изминати години политичката реторика се менувала, но останало како константа одбивањето на дел од политичките лидери да се соочат со внатрешната реалност и со поширокиот надворешнополитички контекст.
„Тие во 1991 година, наместо референдум за независност, предлагаа унилатерална декларација за одвојување од Југославија со сѐ уште присутна ЈНА на наша територија, а во 2001 заговараа општа мобилизација и воена, а не политичка разрешница на кризата. Денес, истата политичка структура референдумот за Договорот од Преспа и влезот во НАТО и ЕУ, не го користи за легитимно институционално оспорување на документот, туку како инструмент за амнестирање на нивното предходно раководство, на истите оние кои ја заробија државата и ја доведоа во потчинета положба не пред Грција, туку пред сите релевантни меѓународни фактори“, оценува Пендаровски.
Во однос на претстојната историска раскрсница, вели дека е умерен оптимист.
„Во ретроспектива, мнозинство од граѓаните секогаш ги поддржувале реалните проекции на своите раководства, кои знаеле да ја одберат стратегиската насока за државата. Така било и во време на старата дилема: Солун или Трст, така ќе биде и утре во однос на модерната дилема: западот или гниење во изолација“, посочува националниот координатор за НАТО.