Пендаровски: Да се бориме за вистинска валоризација на секој работник

by Fokus

Претседателот Стево Пендаровски упати честитка по повод Денот на трудот со порака дека Први мај е вистинска можност за потсетување на нашиот стремеж кон подобро и поправедно, европско општество.

Како држава, истакнува претседателот, треба постојано да вложуваме напори за унапредување на правата на сите работници.

Пораката за Први мај, наведува, е до сите граѓани, работници и борци за подобро утре.

-Да се бориме за вистинска валоризација на секој работник и работничка во земјата, на секој поединец кој преку својата дејност, со својот труд и пожртвуваност придонесува за заедничкото добро. Први мај е вистинска можност за потсетување дека нашиот стремеж за подобро, поправедно, европско општество во секој сегмент од животот треба со заеднички сили да го преточиме во секојдневие. Наша задача не е само да ги обезбедиме и штитиме, туку постојано да ги унапредуваме работничките права. Да бидеме гласни кон неправдите, да ги почитуваме работниците и нивното право на достоинствен живот, зашто само така ќе успееме во толку потребниот прогрес, што секој работник и секој граѓанин го заслужува. Честит 1 Мај, наведува претседателот Пендаровски.

Според него, како и во екот на кризата, така и денеска, им се оддава почит на сите работници.

-Со надеж дека ја испраќаме пандемијата во заборав, денеска им го честитам Меѓународниот ден на трудот на сите граѓани, работници и борци за подобро утре. Како и во екот на кризата, така и денеска, оддаваме почит на сите работници без кои тешко ќе успеевме да ја надминеме здравствената и економско-социјалната криза, вели Пендаровски.

Поврзани новости