Пендаровски: Брисел треба директно да ни каже што е планот

by Fokus

Војната во Украина не може да се каже дека е позитивна за која било земја и не би кажал дека е поволна за членство на мојата земја во Европската Унија, порача претседателот Стево Пендаровски на панелот „Што по војната во Украина“ во рамки на Преспа форум за дијалог што се одржува во Охрид.

– Дали војната во Украина е помош за процесот на интеграција, дали го поттикнува и олеснува членството на новите кандидати? Не ! Не може да се каже дека било која војна во светот е позитивна за било која земја. Не би сакал да кажам дека војната во Украина е поволна за членството на мојата земја во ЕУ. Треба да се разгледуваат геополитичките аспекти на европската интеграција. Ако кажеме дека има поврзаност меѓу двете работи, мораме  да признаеме дека има структурни недостатоци на европската безбедносна архитектура. Ако кажеме поради тие недостатоци сега треба веднаш да почнеме да постапуваме, тогаш тоа нема да придонесе кон надминување на тие недостатоци, рече Пендаровски.

Според мене, истакна, не е возможно Русија да ја видиме во демократските граници на Европа без или со војната во Украина, а уште повеќе поради војната во Украина.

Нагласи дека незавршениот проект за европска интеграција има последици за земјите кои сакаат да станат дел од Унијата и додаде дека сме 17 години кандидат за членство и со години и децении трчаме за таа цел.

Да не заборавиме, додаде, дека ние сме само една од земјите во регионот која протера многубројни руски дипломати, само во последните 12 месеци. Половина од нив беа протерани од нашата земја уште пред да почне војната во Украина.

Претседателот на државава посочи дека целиот Западен Балкан чека да се заврши и заокружи европскиот проект, а во меѓувреме се соочува со демографска катастрофа и од 18 населението е намалено на 15 до 16 милиони што го покажуваат пописите на населението во регионот. Тоа се случува заради чекањето на земјите да станат дел од организацијата, која, како што кажа, дава гаранции за иден просперитет.

-Во меѓувреме, чекајќи го тоа нашата популација се преполови. Не е само Северна Македонија и Албанија е блокирана, а Црна Гора со години преговара без значаен напредок. Сведоци сме на појава на нови идеи за нова политичка заедница на ЕУ. Барав од колегите да ми ја појаснат суштината на оваа идеја дали се работи за Европа во Европа, за ЕУ во ЕУ и што е со земјите кои веќе имаат кандидатски статус, што е со Грузија, Украина и Молдавија. Ми беше објаснето дека се работи за политички форум за консултации, но тоа мораме да го објасниме убаво на нашите  граѓани, потенцира шефот на државата.

Предочи дека постојано и драстично опаѓа поддршката за членство во ЕУ.

-Во изминатите 18 години јавната поддршка за членство  во ЕУ опадна за 25 проценти и  бугарската блокада на нашето членство не помогна во овој контекст. Би сакал директно да ни се каже – ова е нашиот план за вас, ЕУ да каже навистина сме сериозни во намерите за интегрирање на Западниот Балкан во економска, политичка и друга смисла инаку се повеќе луѓе ќе стануваат скептични за европскиот проект, рече Пендаровски и додаде дека  автократските режими се повеќе се зајакнуваат во регионот.

Поврзани новости