Пендаровски: Борбата против корупцијата најефикасно се води кога државата е фокусирана на европските интеграции

by Fokus

Претседателот Стево Пендаровски денеска на шестата пленарна конференција на Националната конвенција за ЕУ во С. Македонија на тема „Национална конвенција за Европска Унија: Темелните општествени вредности за европска иднина“ истакна дека суштината или резонот на интеграциите е да се издигне владеењето на правото како врвна вредност во општеството и државата, посочувајќи дека борбата против корупцијата, не само во нашиот случај, најефикасно се води кога државата е фокусирана на европските интеграции.

Затоа, според претседателот Пендаровски, ниту геополитичкиот контекст, ниту економската или енергетска криза, ниту блокадите на интеграциите не смеат да нè дефокусираат од оваа цел.

„Заврши скринингот за степенот на усогласеност на македонското законодавство со европското. Очекуваме, во овој процес да бидат децидно дијагностицирани сите наши системски пропусти и недостатоци и да биде даден патоказ за понатаму. Меѓутоа општ заклучок е дека не е доволно направено за клучното поглавје – владеење на правото и фундаменталните права кои се алфа и омега на европските интеграции. Со нив започнуваат и завршуваат преговорите бидејќи тие се провлекуваат буквално низ секоја сфера. Неодамна и извештајот на Европската комисија констатира дека немаме напредок на ова поле. А, онаму каде што не владее правото, владеат парите“ рече Пендаровски.

Според истражувањето на јавното мислење спроведено од Македонскиот центар за меѓународна соработка, барем една третина од македонските граѓани изминатава година биле изложени на коруптивен притисок и според истото истражување, овој јазик го „зборуваат” дури четвртина од нашите граѓани кои подлегнале на притисокот и влегле во некаква коруптивна трансакција на пари, врски и влијание.

„Притоа, не станува збор само за големи, туку и за мали, навидум занемарливи суми. Меѓутоа, корупцијата е корупција, независно дали станува збор за 500 денари или 500.000 денари. Многу врати се отвораат и многу услуги стануваат достапни за оние кои го разбираат јазикот на корупцијата. За разлика од нив, оние кои не се дел од тој ланец се честопати дискриминирани, бидејќи не можат да ги остварат своите права и да дојдат до оние услуги што им следуваат по закон. А, многу млади кои не можат да напредуваат врз основа на сопственото знаење, квалификации и вештини, едноставно си заминуваат од државава“ смета Претседателот.

Пендаровски е дециден – „За драстично редуцирање на корупцијата мора да инсистираме не само на истраги, туку на правосилни пресуди бидејќи на тој начин се покажува дека законите важат подеднакво за сите, дури и за најмоќните и најбогатите. Понатаму, во секој оддел, сектор и институција со помош на антикорупциските тела, невладиниот сектор и јавноста, мора да се гради култура на професионален и личен интегритет на секој вработен поединец во тие институции, но, и на институциите во целина“.

Поврзани новости