Претседателот Стево Пендаровски вечерва се обрати на свеченото одбележување на јубилеите „75 години Филолошки факултет“ и „100 години од раѓањето на Блаже Конески“ што се одржа во Македонскиот народен театар во организација на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје.
-На крајот сме од годината во која одбележуваме 100 години од раѓањето на Блаже Конески, еден од носечките столбови на современите образовни, научни, културни и уметнички политики кај нас. Македонскиот народ е привилегиран да има како дел од своето културно, уметничко и научно наследство, вертикала каква што е Конески. Блаже Конески останува современ за сите времиња. И затоа немам сомнеж дека Филолошкиот факултет кој го носи неговото име, ќе остане современ и траен за сите времиња, рече Пендаровски.
На свечениот настан, на претседателот Пендаровски му беше врачена плакета во знак на особена благодарност за континуираните напори и за придонесот во развојот на високообразовната и научната дејност, како и за несебичната поддршка и афирмација на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” – Скопје во земјата и во странство, соопштија од кабинетот на шефот на државата.
Беше прикажана и балетската претстава „Меѓусвет“ (Убавите жени) инспирирана од поезијата на Блаже Конески чија кореографија и режија ја подготви Рисима Рисимкин.