Претседателот Стево Пендаровски би примил претставници на Македонците од Бугарија на средба, доколку тие тоа го побараат.
Ова е одговорот од Кабинетот на претседателот на прашањето на „Фокус“ дали дали доколку претставниците на Македонците кои живеат во Бугарија (ОМО Илинден Пирин и другите организации) побараат средба, тој би ги примил.
Во врска со Вашето прашање, информираме дека организациите на Македонците кои живеат во Бугарија досега немаат побарано средба, а доколку побараат, претседателот Пендаровски ќе ги прими, велат од Кабинетот.
Од Кабинетот не дадоа одоговор на тоа дали Пендаровски има во план тој да ги покани на средба.
Претставници на македонското малцинство од Бугарија досега никогаш нема средба со македонски претседател или премиер.
Претходно, во интервју за „Фокус“, копретседателот на партијата на Македонците во Бугарија, ОМО Илинден Пирин, Стојко Стојков рече дека не очекуваат покана за средба со некој од македонските државници, а и нема такви најави.
Би биле многу изненадени, ако добиеме покана. Македонските државници и политичари немаат таков обичај. Никогаш немале. Грижата за Македонците надвор од Р. Македонија не им е приоритет. Освен тоа не очекуваме покана ниту од бугарските институции. А тие би требало да не канат – ние сме државјани на Бугарија, рече тогаш Стојков.
Инаку, изминатиот период претставници на Бугарите од Македонија беа на средби со бугарски државници во Бугарија, меѓу кои и претседателот Румен Радев и поранешниот премиер Бојко Борисов.
Македонскиот претседател Стево Пендаровски откри дека во два наврати и тој ги примил на средба.
Катерина Смилева Божиновска