Пендаровски: Без здравствена заштита тешко до висок животен стандард!

by Fokus

Економската криза предизвикана од пандемијата но и руската агресија врз Украина доведе до ценовни шокови и раст на животните трошоци во Европа и светот. Ние сме високо рангирани во однос на смртноста од Ковид-19, загаденоста на воздухот ни е хроничен проблем, а имаме слаби резултати во образованието и медиумската писменост. Мора да ги удвоиме националните напори за да постигнеме посилен економски и општествен развој, смета претседателот Стево Пендаровски.

Тој во своето обраќање за време на денешната презентација на Извештајот за човековиот развој 2021/2022 на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), рече дека половина од земјите во регионот на југоисточна Европа се со многу висок човеков развој, а другата половина се со висок човеков развој. Ние, како што додаде, сме на дното на втората група.

-Тоа не треба да не изненадува ако имаме в предвид дека во здравствениот сегмент сме високо рангирани во однос на смртноста на Ковид-19, загаденоста на воздухот ни е хроничен проблем, а имаме слаби резултати и во рамки на ПИСА тестирањето. Ниско сме рангирани и во однос на медиумската писменост. На пример, Финска која е најдобро рангирана европска држава, има пет пати повеќе бодови за медиумска писменост од нас, рече Пендаровски.

Според претседателот, без соодветна здравствена заштита, квалитетно образование и медиумска писменост, тешко е да се очекува висок животен стандард.

Поврзани новости