Пендаровски: Без лажна скромност, само ние во регионот покажавме капацитет за тешки прашања!

by Фокус

Во годината што претстои очекувам уште поинтензивно јакнење на европската солидарност и партнерство, како и натамошно интензивирање на трансатлантските врски, тоа е влогот и гаранцијата која ќе обезбеди мир, просперитет и дополнително зајакнување на демократијата и кај нас и во Европа, истакна претседателот на државата Стево Пендаровски на  традиционалниот годишен прием што за претставниците на дипломатскиот кор.

Како што соопшти претседателскиот Кабинет, Пендаровски посочи дека припаѓаат на генерација политичари кои се соочени со, како што рече, ни малку лесната задача да ги дефинираат контурите на европскиот поредок во кој ќе живеат нашите граѓани, кога војната и страдањата во Украина ќе завршат.

-Нашиот денешен одговор на трагичните случувања во Украина зборува за тоа како ги замислуваме Европа и светот откако таа војна ќе заврши. Мирот и ослободувањето на Украина се приоритет кој нема алтернатива. Преку нашето претседавање со ОБСЕ оваа година ќе се обидеме да дадеме придонес во таа смисла, заедно со сите останати субјекти – рече Пендаровски.

Шефот на државата во обраќањето пред дипломатскиот кор подвлече дека, како и досега, во рамките на неговите надлежности ќе настојува Северна Македонија да продолжи по патот на евроинтеграциите, дијалогот и соработката со сите соседи.

Без лажна скромност, досега сме единствени во регионот кои покажавме капацитет за компромис за тешки прашања и дека кога велиме дека веруваме во вредностите на демократијата, тоа за нас не е само реторика, а најмалку слабост. Преку тие компромиси, станавме членка на НАТО и ја отворивме првата фаза од преговорите со ЕУ. По три години членство во Алијансата верувам дека повеќе никој не се сомнева дека и мала земја како Северна Македонија може да биде значаен партнер и да придонесува за мирот во регионални и во европски рамки – истакна Пендаровски. 

Поврзани новости