Претседателот Стево Пендаровски во интервју за Радио Слободна Европа апелира надлежните органи што е можно побрзо и потемелно да ја спроведат истрагата за предметот „Рекет“, бидејќи, според него, процесирањето на предметот е битен и за СЈО и за демократските процеси кои и престојат на земјата.
-Една работа е работата на институцијата СЈО до овој момент и постапките кои ги воделе различни обвинители, не само Катица Јанева. Сосема друга работа е последниов случај за кој јас ургирам и од оваа позиција, како и да се сфати, до надлежните органи да ја процесираат што побрзо и што подлабоко за да не остави ни најмала дамка на работата на институцијата како таква. Да заклучам, СЈО беше и те како потребно во времето кога ги правевме демократските промени. СЈО во некаков облик, во некој дел од системот на редовно јавно обвинителство и те како е потребно и во наредниот период да ги процесира криминалите, не само на оние што биле на власт, туку на нас што сме денеска на власт – вели Пендаровски.
Според него, СЈО е клучната институција која покрај Преспанскиот договор ги отвори вратите на ЕУ и НАТО од причина што, додава тој, најголемите позитивни реформи беа на сметка на СЈО.