Претседателот Стево Пендаровски на граѓанската трибина во Охрид, одговарајќи на прашања од граѓаните, за инцидентот со апсењето на новинарот Фуркан Салиу, рече дека се надева оти тоа не е знак за враќање на мрачните времиња на Груевски.
„Успеав да видам само кратка видео снимка од апсењето на новинарот Салиу, детали за случајот немам. Очекувам и официјалните органи и МВР да кажат и да ја чуеме и другата страна, на новинарот. Но, кога ја видов снимката на која специјалци апсат новинар и тоа повеќемина врз еден, ме врати на старите мрачни времиња на Груевски, кога новинари заглавуваа во затвор и беа тепани и замолкнувани“ рече Пендаровски.
Тој додаде дека за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ имаше случаи кога новинари лежеа во затвор и за напишан збор и дека не би сакал ова да е лош знак дека ако се врати ВМРО-ДПМНЕ на власт така ќе постапуваат со медиумите.