Посетата на американскиот тим за санкции е во функција на скенирање на состојбите во судството, но политичката порака од тоа е дека треба сами да ги завршиме работите дома во таа сфера, вели претседателот Стево Пендаровски.
Тој на новинарско прашање пред денешната панел дискусијата на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје, истакна дека постои голема забуна околу тој тим, кој вели, не е тим на истражители, не се правници и тие немаа контакт ниту со обвинители ниту со политичари.
-Тоа се дипломати од Стејт департмент. Доаѓале и порано, ќе доаѓаат и во иднина. Тие собираат информации за тоа што се случува во сферата на судството, и понатаму сосема автономно, независно од нас, ја формираат таа тн. црна листа или листа на ентитети под санкции. И она што е најважната политичка порака, која сум ја кажувал и сакам да ја повторам, е ќе бидеме во голема заблуда, прво ние што сме одговорни политичари во моментов во Македонија ако мислиме дека некој друг ќе ни ја заврши таа работа. Тие колку пати и да доаѓаат не доаѓаат да ја завршат, мојата, вашата работа, или работата на судовите и обвинителствата. Тоа е сосема независна работа, исто како што е Извештајот за човековите права кој Стејт департментот секоја година го објавува, појаснува Пендаровски.