Пендаровски: Ако се поништи Преспанскиот договор – ние излегуваме од НАТО, ќе не исклучат од Организацијата

by Fokus

„Ако се поништи Преспанскиот договор ние излегуваме од НАТО. Просто кажано, ќе не исклучат од Организацијата. Ако таа госпоѓа (Силјановска Давкова) мисли дека самостојно можеме да ја обезбедиме нашата безбедност, на сите граѓани, на границите, на државата подобро тоа треба да го каже. Тоа е опасен авантуризам. Значи, 30 години сите политички гарнитури не случајно се обидуваа да влеземе во НАТО за да добиеме тапија за нашата безбедност за век и веков“.

Ова вечерва во Гевгелија го порача кандидатот за претседател поддржан од СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски.

– Поништувањето на Преспа, ако навистина го мисли тоа, е најголема политичка глупост и трагедија во исто време, затоа што ќе останеме потполно сами – истакна Пендаровски.

На прашање од граѓанин дека Мицкоски бил шокиран од говорот на Пендаровски во Делчево, актуелниот шеф на државата рече:

„Тој има една друга мана-лаже. Тоа јас не го тврдам. Пред четири години во извештај на Европскиот Парламент, е констатирано со име и презиме дека Христијан Мицкоски е извор на дезинформации и на лажни вести. ЕП во Стразбур тоа го тврди. Тој разбира за што станува збор, но има некоја внатрешна потреба да лаже“.

Пендаровски стакна дека актуелната владејачка гарнитура со сите мани и грешки е десетпати подобра од тоа што го нуди опозицијата.

– Тие нудат само рециклажа на режимот. Зошто? Затоа што тие се сите децата на Груевски. Генералниот секретар на Груевски сега е претседател на ВМРО-ДПМНЕ, вториот човек на Груевски сега е втор човек на Мицкоски, Антонио Милошоски беше трет човек во времето на Груевски сега е трет човек кај Христијан Мицкоски. Ниту по име, ниту по презиме не се разликуваат, а не по поимањето на политиката и практикување на политиката – посочи Пендаровски.

Поврзани новости