Претседателот Стево Пендаровски вели дека со последните измени на Кривичниот законик, Никола Груевски нема да се врати во Македонија. Во интервју за „Гласот на Америка“ по говорот на Генералното собрание на Обединетите нации, Пендаровски беше прашан дали може да гарантира дека по измените на КЗ, ако Груевски се врати во Македонија, ќе биде изведен пред лицето на правдата?
-Јас тоа како политичар не можам да го гарантирам бидејќи тоа треба да биде активност на правосудните органи, не можам да се мешам во тој дел. Но, ова го тврдам децидно – со последните измени на Кривичниот законик, Никола Груевски нема да се врати во Македонија. Досега не се вратил, поради овие измени нема ни да се врати, тоа е сигурно – рече Пендаровски.
Според него, измените во КЗ не претставуваат амнестија.
-Не, не се амнестија, на ниеден начин. Ако тоа навистина беше амнестија, еве да логицираме како обични граѓани, Груевски денеска ќе беше во Македонија. Груевски не е во Македонија, Зошто не се врати – рече тој.
На новинарска забелешка дека со измените во КЗ се овозможува порано застарување на кривични дела, Пендаровски вели:
„Имаме маса одлуки на судот во Стразбур затоа што македонското правосудство не судело во разумен рок. Вие не може да ги влечкате постапките со децении. И да заборавиме во која инстанца е, колку пати е вратен предметот на повторно судење и на крај да се заборави во очите на јавноста“.
Во тој контекст, Пендаровски праша што е пресудено досега од големите случаи на Специјалното јавно обвинителство?
-Мерцедесот за Гордана Јанкуловска?! Тоа не е доволно. Зошто осум години откако се отворија најголемите случаи, досега никој од тие луѓе не отиде во затвор. И сега тие што се критичари на измените на Кривичниот законик велат дека се малку осум години. Колку треба да им дадеме – 28 за да ги завршат постапките?! Знаете дека се криеја предмети по фиоки, знаете дека се судеше со години… Па, ќе ви речат, другиот месец еден од поротниците заминува во пензија, одиме одново. Така што, тоа се јасни махинации на оние што треба да го применуваат законот. Да се вратам на мојата прва теза, измените во КЗ ниту кој било друг закон не се причина за корупција ниту за амнестија – истакна шефот на државата.