Пелоси пристигнa во Малезија, тензиите се зголемуваат поради посетата на Тајван

by Fokus

Претседателката на Претставничкиот дом на САД Ненси Пелоси денеска пристигна во Малезија на вториот дел од нејзината азиска турнеја, при која треба да го посети и Тајван, што може да доведе до ескалација на тензиите со Пекинг.

Авионот со Пелоси и нејзината делегација слета во силно обезбедена воздухопловна база, објави националната новинска агенција Бернама.

Иако немаше официјални најави, локалните медиуми во Тајван објавија дека Пелоси ќе пристигне во Тајпеј вечер, што ќе ја направи највисоката американска функционерка што ја посетила земјата во последните 25 години.

Трите најголеми тајвански државни весници цитираа неидентификувани извори кои велат дека таа ќе слета во Тајпеј каде што ќе ја помине ноќта по посетата на Малезија.

Кина, која тврди дека Тајван е нејзина територија, предупреди на последиците, велејќи дека нејзината војска „повеќе нема да седи со скрстени раце“ доколку Пелоси ја продолжи турнејата.

Белата куќа вчера ја осуди реториката на Пекинг, велејќи дека САД не се заинтересирани за продлабочување на тензиите со Кина и дека „нема да ја загризат мамката, ниту да тропаат со оруже“.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, рече дека одлуката дали да же го посети островот ја носи Пелоси и оти членовите на Конгресот рутински го посетувале Тајван низ годините.

– Нема причина Пекинг да ја претвори потенцијалната посета, која е во согласност со долгогодишната политика на САД, во некаква криза или да ја користи како изговор за зголемување на агресивната воена активност, рече Кирби.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја повика Кина „да се однесува одговорно“ доколку Пелоси ја продолжи посетата.

– Доколку посетата се случи и Кина се обиде да создаде некаков вид криза или на друг начин да ги ескалира тензиите, тоа целосно ќе биде на Пекинг, изјави тој за новинарите во седиштето на ОН во Њујорк.

Пелоси вчера ја започна својата азиска турнеја во Сингапур, но нејзината наводна посета на Тајван предизвика загриженост во регионот.

Поврзани новости