Кина нареди затворање на американскиот Конзулат во југозападниот град Ченгду. Потегот на Кина е одговор на одлуката на Вашингтон пред три дена да го затвори кинескиот Конзулат во Хјустон. Гардијан коментира дека тој потег ги ескалира тензиите меѓу двете светски сили на ново ниво.
-Одлуката на Пекинг е легитимен и неопходен одговор на неразумните мерки на САД, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи. Не е прецизирано кога треба да се затвори дипломатската мисија во провинција Сечуан.
Покрај амбасадата во Пекинг, САД имаат конзулати во Гуангжу, Шангај, Шенјанг, Ченгду и Вухан, како и во Хонг Конг и Макао. Дипломатската мисија во Ченгду е отворена во 1985 година за целиот регион на југозападна Кина, како и за Тибет. Во него работат 200 луѓе.