Пејачката Тања Царовска беше една од говорничките на протестот против вакцинација, кој се одржа вечерва пред Собранието. На присутните таа им раскажа дека додека била во Англија минатата година, случајно сретнала некоја негувателка која работела во дом за стари лица.
Таа и раскажала дека скоро половина од штитениците во домот починале. Првин пројавувале симптоми, како на пример кашлица, па им ставале инјекција, а од таа инјекција ниту еден не преживеал – раскажуваше пејачката. Инаку, Царовска е актуелна на социјалните мрежи со редовни објави против вакцинацијата, не само против Ковид-19, туку пишуваше и против вакцинацијата на кучиња.
Пејачката по потекло од Битола, позната е на музичката сцена од најрана возраст, кога за прв пат се појави на детскиот фестивал ,,Златно славејче”. Нејзиниот вокал публиката го слушаше во филмовите ,,Мајки”, ,,Страдањата на Исус”, ,,Троја”… и зад себе има интернационална кариера. Живее на релација Лондон – Скопје. Покрај неа, на протестот се обратија повеќе говорници, кои генерално зборуваа за некакви ритуали, теории на заговор против човештвото, некои сили сакале да уништат се, а најмногу им сметале Македонците, бидејќи биле бренд во светот, кои им дале писмо и религија.
Протестот следеше по најавата на министерот Венко Филипче дека Комисијата за заразни болести ќе препорача на Владата да ја усвои мерката задолжителна вакцинација за здравствени работници, а вработените во јавниот сектор да мора да имаат сертификат за најмалку една примена доза, негативен ПЦР тест или документ за прележан Ковид -19, за да дојдат на работа.
Вики Клинчарова