Поради актуелната состојба со Ковид-19, традиционалниот ,,Охрид Фест – Охридски трубадури”, годинава ќе се одржи со променет концепт. Наместо поп, фолк и најпопуларната и пренесувана на десетици телевизии во регионот, интернационална вечер, ќе се одржи само фолк вечерта.
Организаторот на музичкиот фестивал, композиторот Григор Копров, во разговор за „Фокус” појаснува дека не му преостанува ништо друго, освен да го прилагоди ,,Охрид фест” на новонастанатата ситуација.
-Условите налагаат да мора да сториме се за да ги заштитиме нашите гости, не сакаме никој да биде оштетен на било кој начин. Годинава во план беше на интернационалната вечер да настапат 12 гости од повеќе земји. Србија, Хрватска, Албанија, Грција, Словенија. Се преговараше со десетици телевизии од регионот, да се врши директен пренос на фестивалот. Дури за прв пат во историјата на фестивалот, бевме пред потпишување на договор со грчка телевизија… Сега се е неизвесно, бидејќи штом нема интернационална вечер, кога веќе музичките ѕвезди од некоја земја нема да дојдат, дали воопшто тамошните телевизии ќе сакаат да го пренесуваат настанот- раскажува Копров.
Највените музичари Жак Хоудек, Индира од Колонија, Ненад Нинќевиќ од Тути фрути бенд, и многу други пејачи од регионот, нема да дојдат, а нивното евентуално гостување можеби ќе се случи наредната година, ако дозволуваат условите.
-Музичарите од регионот беа најзагрижени, бидејќи никој од нив не сакаше по враќањето од фестивалот, во својата земја да мора да седи две недели во карантин, според здравствените прописи. Сосема ги разбирам. Затоа, акцентот го ставивме на фолк вечерта, ќе имаме 20 музички имиња, кои ќе настапат со нови композиции, во духот на староградската урбана песна. Она што е посебно значајно, е тоа што ,,Охрид фест” ќе се одржи на една од најубавите сцени, Долни Сарај, на 11-ти септември. Сите мерки за заштита ќе бидат спроведени, во овие нови услови, во оваа нова реалност, да се обидеме да го извлечеме најдоброто – појаснува композиторот.
Фестивалот ќе започнел со културно – туристичка репортажа за Охрид, за што верува дека од големо значење за туризмот и за запознавањето на публиката од регионот која ќе го следи преносот, со нашите природни убавини.
Вики Клинчарова