Музичарот Симеон Атанасов, еден од штитениците на легендарната Есма Реџепова Теодосиевска, најави тужба за организаторите на концертот во чест на Есма, кој се одржа пред неколку дена во МКЦ. Настанот беше во организација на хуманитарната организација „Кралицата Есма и Стево Теодосиевски“ и продукцијата „БТР“, а по повод 80 години од раѓањето на Реџепова.
Беше насловен „Во спомен на Есма за незаборав“, и настапија Сузана Гавазова, Анета Љумаковска (Молика), Ервин Аметовски, Харија Бислим, оркестарот ,,Титаник” и други.
-Во врска со настанот одржан во кино ,,Фросина” МКЦ, би сакал да ја известам македонската јавност зошто не сме вклучени ние како Esma’s Band, а сме единствени наследници на музичкото творештво на Есма и Стево Теодосиевски.
Организаторите на настанот без никакво одобрување, напоменувам авторско одбрување за преснимување и изведување на мои композиции, за што ќе одговараат пред судиските надлежни органи, се нафатија да организират музички настан, вклучувајќи уметници кои што никогаш немале допирна точка со Есма.
Благовремено ги известив дека не е време да се организира било каков настан бидејќи се чека разрешница од судскиот спор којшто трае речиси седум години. Ги известив дека од политички причини музејот е оставен да биде руиниран и не е во ред за ситни пари да се продаде името и делото на Есма и Стево Теодосиевски.
Пред 7 дена, организаторот ме извести дека се земени парични средства од Министерството за култура и дека настанот сепак ќе се одржи. Ние како Esma’s Band и Елеонора Мустафовска, како едиствен женски вокал кој што е школуван од Есма, ја претставуваме достојно на сите светски фестивали во светот и секако музичкото творештво на нашите ментори.
Но, еве некој се осмели тоа да го оспорува. Како лидер на Esma’s Band и како автор на повеќе од 200 композиции кои се снимени и изведувани од Есма, забранив истите да се изведуваат на овој срамен настан. Напоменувам дека немам ништо против да се организираат настани на кои ќе се спомнува ликот и делото на Есма и Стево Теодосиевски, но тоа да биде законски и достојно – истакна Симеон.
Тој го помина својот живот покрај Стево и Есма, кои го зеле под закрила уште додека бил дете. До крајот на живот на Есма беше со неа, и ги менаџираше нејзините настапи. Според двата тестаменти на Есма, авторските права му ги остава него, а пак куќата и ја остава на државата, со цел да биде претворена во музеј.
Откако нејизни внуци од сестри и браќа ги оспорија тестаментите, долги години се води судски спор, а наместо музеј, на Кале остана руина од домот на легендарната пејачка на Ромска музика.
Вики Клинчарова