Од денеска стапи на сила новата мерка за заштита од Ковид-19, според која за влез во објекти и на настани на кои можеше да се присуствува само со една доза на вакцина, потребен е сертификат за примени две дози, или пак потврда за прележан вирус во последните 45 дена. Вратите на угостителските локали, ноќни клубови и шопинг молови се затворени за оние кои немаат примено две дози од вакцината против корона вирус, но и овде сепак има исклучоци.
Вработените во овие објекти не подлежат на задолжително приложување на сертификатот за влез, односно продавачи, келнери, готвачи во ресторани, како и музичари кои настапуваат во локалите, можат слободно да се движат внатре без да бидат имунизирани. Исто така, дозволен е влез за невакцинирани лица кои се малолетни.
За оваа нелогичност кога се мерките во прашање, имаше реакции од јавноста уште во август годинава, кога стапија на сила новите рестриктивни мерки, според кои за влез се бараше потврда за најмалку една примена доза од вакцината.
Дека малкумина гледаат логика во овие правила, сведочи и настанот кој се случил викендов во еден локал, каде настапувал наш популарен поп пејач. Во објектот дошла инспекција која според мерките е должна да ги казни затекнатите невакцинирани гости, како и сопственикот на локалот во кој се дозволил влез на невакцинирани лица. Сепак, на музичарот којшто имал концерт пред гостите, иако невакциниран, не му била извршена контрола, бидејќи според мерките, тој не подлежи на истата.
За ,,Фокус” музичарот го потврди настанот за инспекциската контрола за време на негов концерт, за кој се пишуваше деновиве, но вели дека не само што не добил казна, туку воопшто и не бил побаран сертификат од него, бидејќи тој бил на работно место таа вечер, односно пеел во локалот, а не бил гостин.
Но, голем е бројот на други музичари со кои разговаравме, а кои велат дека при првата можност се вакцинирале, иако можат да настапуваат и неимунизирани, првенствено поради сопственото здравје, но и грижата кон заедницата.
Кај нас може и вака, но за настапи во странство важат други правила. И не само за настапи кај дијаспората, туку и за влез во земји каде настапуваме, строги се правилата, па дури и внимаваме која вакцина ќе ја примиме, бидејќи одредени земји прифаќаат сертификат само од одредени производители на вакцини. И да не беше турнејата во странство, сепак поради лична заштита ќе се вакцинирав-вели наш фолк пејач, кој по разлабавувањето на мерките веќе имаше мини турнеја во странство.
Наша позната фолк пејачка, која лани беше инфицирана со вирусот, вели дека по лошото искуство со болеста, без двоумење се вакцинирала, иако не е обврзана на тоа за да може да настапува.
Иако не е задолжително, сепак е препорачливо, бидејќи се работи за места каде има многу народ, и не би сакала повторно да ризикувам и да се инфицирам по втор пат. Многу мои колеги се заразија, некои поминаа доста тешко, зарем тоа не е доволен мотив сите кои настапуваат во локали самоволно да се вакцинираат? –вели таа.
И сопственици на угостителски локали со кои разговаравме велат дека мерките се збунувачки, посебно кога вработени кои не се вакцинирани им бараат на гостите сертификат за вакцинација.
Дел од персоналот е вакциниран, но има и такви кои не сакаат да слушнат за вакцина. И ние, како сопственици на ресторан, едноставно не можеме ништо да направиме по тој повод. Рацете ни се врзани, а доколку само еден од невакцинираните вработени се инфицира, сите останати кои исто не се вакцинирани ќе мора да одат во изолација и автоматски остануваме без повеќе работници истовремено.
Со сличен проблем се соочуваат и приватни фирми, кои дури и морале да стават клуч на врата цели две недели поради инфициран работник и изолација на останатите. Надлежните треба да поработат на ова прашање, ние само ги следиме нивните инструкции – раскажува угостител од внатрешноста за ,,Фокус”.
Друг сопственик на ресторан пак, реагира поради нелогичноста на мерките, бидејќи неговите посетители биле најчесто повозрасни лица и често му се случувало да им дојде инспекциска контрола, додека во локал во негова близина, посетителите се речиси деца, малолетници, кои без потврда за вакцина слободно престојуваат во кафуле.
Кај мене во локалот, може и од надвор да се види, маси на растојание, сериозни гости кои дошле на ручек или на вечера. Веднаш до мене, кафуле, преполно со тинејџери, на кои не им се бара сертификат, оти такви се мерките. Јас лично овде логика не гледам, посебно кога ги слушаме епидемиолозите како предупредуваат дека младите се најголемите преносители на вирусот – вели угостителот.
И додека јавноста реагира поради недоследности во мерките, од МЗ редовно укажуваат на важноста на вакцинацијата, обидувајќи се да ги поттикнат граѓаните да се вакцинираат во што е можно поголем број.
Според последната анализа од министерството, во изминатите три месеци дури 71% од инфицираните биле невакцинирани. Во период од 6-ти август до 11-ти ноември 2021, во земјава починале 1.788 пациенти со Ковид-19, 1.434 пациенти од починатите, односно 80% не биле вакцинирани, а 20%, односно 354 примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања.
Вики Клинчарова