Пејач од кампањата на ВМРО-ДПМНЕ, возел пијан па им се заканувал на полицајци:„Ќе видите по 8 мај“

by Fokus

Познат пејач, кој учествува активно во кампањата на кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова навредувал и им се заканувал на полицајци кога го запреле додека возел во алкохолизирана состојба.

Како што соопшти МВР, ноќта на 6 наспроти 7 април, во 03:40 часот тој бил застанат со возило во кое имало три лица, по што пејачот, кој возел веднаш се јавил на некое лице што го именувал како Ѓоко и барал од министерот за внатрешни работи да ургира за да не биде казнет.

По навредите и омаловажувањето на полицијата, тој бил однесен во полициска станица, каде што продолжил да ги навредува и омаловажува полициските службеници.

„Ќе видите што ќе ви се случи после 8 мај, патари ќе ве пуштам… сега ќе му се јавам на министерот за внатрешни работи, каде и да ве најдам цивил, ќе видите што ќе ви се случи“, се заканувал пејачот кон полицајците како што е наведено во билтенот.

За време на алкотестот, кој му бил направен во станица и кој покажал дека возел со 2,34 промили алкохол во крвта, тој продолжил да се заканува со зборовите “што ме гледате и двајцата дајте да ви ги видам фаците за да ве запамтам кај и да ве најдам крвта ќе ви ја пијам од вас“.

Поврзани новости