Продолжува битката за лек на пациентите со цистична фиброза, кои пред одреден период одржаа и протести, барајќи некој да се сожали на нив и да им ја обезбеди неопходната терпија, бидејќи како што велат, немаат време за чекање.
Еден од пациентите со цистична фиброза е 31-годишниот Игор Пехчевски кој во изјава за „Фокус“ тврди дека иако лекот кој им е потребен постои, сепак го нема во Македонија.
Тој пред малку сподели дека се уште чека нов лек и ново пристојно место за работа.
„На никој не би му посакал на ваков начин да ги остварува своите права за Работа и Лек на социјалните мрежи и медиумите. Верувајте тоа е крајно ПОНИЖУВАЧКИ.
ГОСПОДА. Уште колку време треба да чекам за Лекот #ТРИКАФТА и за Пристојно работно место, НЕ било какво…Или повторно чекате да се вратам во болнички кревет ПОСТАПЕТЕ како да сум Ваше дете“, ги прашува Пехчевски власттите.
Веќе одреден период болните од цистична фиброза преку протести водат битка да го добијат потребниот лек, кој живот им значи.
Надлежните институции си ја префрлаат топката едни на други, а црвениот аларм е вклучен откако пред една недела почина младиот Благојче од Битола, кој веќе подолг период имаше проблеми со белите дробови, новата терапија му беше неопходна и со себе постојано ја носеше кислордната боца, која му го даваше потребниот здив.
Премиерот Димитар Ковачевски вината ја лоцираше во бирократијата, која што според него ја одолговлекува набавката на лекот „трикафта“, којшто го има во соседството, но не и во Македонија.
Пациентите со цистична фиброза очекуваат дека до крајот на месецот ќе го добијат лекот „трикафта“.
Првиот човек на владата најави интервентна набавка на лекот директно од производителот и измени во законите за набавка на лекови од производител што има патент, со цел да се избегнат долгите процедури за увоз.
„Државата мора да преземе поголема одговорност и да го спречи непотребното страдање на кој било во државата. Јас сакам да живеам во таква Македонија. Затоа утрово станав многу рано ги разбудив сите одговорни и затоа се носат одлуките за набавка на овој лек“, рече пред неклку денови Ковачевски.
Ирена Мулачка