Во Општина Пехчево, кај селото Негрево се разгорува силен пожар, гори борова шума, а запалени шишарки летаат наоколу и предизвикуваат нови и нови жаришта. Сепак, според директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, и градот Пехчево и селото Негрево се безбедни.
Локалното население, заедно со пожарникарите од Пехчево, Берово и Делчево, со помош на општинската механизација успеаја да создадат противпожарни појаси против можното навлегување на пожарот во градот и селото.
Од ЦУК најавуваат дека утре наутро тука ќе се делува од воздухопловите. Ноќва останува да се одбранат уште пет населени места од пожарите на територијата на Источна Македонија. Вечерва регистриран е пожар и на територијата на Општина Гостивар.
-Состојбата е крајно сериозна, секој ден се појавуваат нови и нови пожари, а временската прогноза не е воопшто поволна – изјави Ангелов и додаде дека МВР засилено работи трагајќи по предизвикувачите на пожарите.