Педесет проценти од пациентите кои се лекувале кај нас се предоцна донесени и имаме смртен исход, истакна директорката на скопската Инфективна клиника, доктор Милена Стевановиќ.
– Ние (Инфективна клиника) имаме 90 пациенти кои се со смртен исход. Најголем дел од пациентите се донесени по десетина или 15 дена самолекување дома, без консултација со лекар. Добар дел по една недела, без консултација со лекар. Наша констатација е дека предолго се чекало пред да дојдат кај нас или да се јават кај лекар – вели д-р Стевановиќ.
Сепак, таа нагласува дека треба да се направи анализа, да се споредат бројки со регионот или со светот, за да се даде конечен одговор.
– Се разбира, возраста на пациентите, другите заболувања го носат ризикот со себе, како и компликациите од Ковид-19. Сепак, голема е грижата наша за пациенти кои се на средна возраст, кои не пријавуваат други болести, а сепак најнепосакуваниот исход го имаме кај нив – вели д-р Стевановиќ.