На печката за согорување на отпад во депонијата „Дрисла“ сѐ уште не се инсталирани филтри, што значи дека медицинскиот отпад и понатаму се уништува на стариот начин кој го загадува воздухот.
Владата, на почетокот на годината му наложила на концесионерот „ФЦЛ Амбиенте“ на депонијата „Дрисла“ да набави нова печка за согорување на медицински отпад, откако се потврди дека емисиите кои ги испуштала веќе постоечката печка ги надминуваат дозволените граници.
Концесионерот има рок инцелераторот да го набави до април годинава, за што веќе е издадена градежна дозвола од Министерството за транспорт и врски, а дотогаш беше обврзана да постави филтри на старата печка. Но, од информацијата што ја добивме од Градот Скопје е дека, и на еден месец до истекот на рокот за набавка на новата печка, се уште не се поставени филтрите.
Од раководството на депонијата пак не успеавме да добиеме одговор кога планираат да ги набават филтрите и дали ќе се запази рокот за поставување на нова печка, бидејќи не одговараат на нашите прашања испратени уште на 23 јануари. Денеска повторно им ги поставивме истите прашања, но одговор сѐ уште нема.
Постоечката печка е набавена пред 17 години и во континутет придонесувала во аерозагадувањето затоа што нема филтри.
Од Град Скопје велат дека до набавка на новата печка, работата на старата е ограничена, односно дозволено е согорување на отпад во рок од осум часа.
На брифинг за новинарите кој во јануари го организираа градоначалникот на Скопје Петре Шилегов и заменикот министер за животна средина, Јани Макрадули, беше кажано дека концесионерот требало да набави нова печка до март 2014 година, односнот пред четири години. Набавката не биле спроведена затоа што тогашната Влада, преку Министерството за транспорт и врски не ја дала потребната градежна дозвола. Градежната дозвола е издадена од новата Влада во октомври 2017-та година.
Валентина Вурмо