Печалба

by Фокус

Ќе дојде денот кога УЈП ќе си ја врши својата работа, но и кога ќе се донесе Закон за потекло на имот врз основа на кој сите ние ќе треба да ги отвориме своите сметки и да видиме кој како го стекнал својот имот. А дотогаш, секој оној кој што нема да може да го издржи овој стрес ќе ја напушти државата.

Пишува: Гордана ДИМИТРИЕСКА-КОЧОСКА

Имав прилика да прочитам еден доста интересен текст кој одеше некако вака: „Пред да го спакувате куферот за печалба, помислете на Дрин како пример за успех во Македонија“.

Секако дека текстот е напишан со безброј критики упатени кон фамилијата Ахмети, но мене ми го привлече вниманието зборот печалба. Не дека целиот случај не е интересен, но тоа го оставам за подоцна.

Многу одамна го немам слушнато зборот дури во еден момент се сепнав, како за првпат да го слушам. Тек-тук ќе го прочитам кога читам нешто поврзано со макеоднското минато, но тие текстови се сосема во друга конотација.

Зошто мојот ум изреагира на зборот печалба, кој многу често се употребувал во минатото? Затоа што печалбата во минатото значела дека луѓето заминувале за да заработат.

Денес во Македонија има огласи за работа на секое ќоше, а сепак младите си одат. Си одат млади и едуцирани кадри, способни, многу од нив од добростоечки фамилии.

БЕГААТ ОД СТРЕС

Во овие денови од Македонија си заминуваат и мои многу драги пријатели со две дечиња кои се во основно училиште. Сопругот е веќе една година во Германија, а тие сега ќе му се приклучат.

На прашањето „Зошто одлучивте да си одите кога и тука имавте добри плати?“, одговорот беше: „Горде, таму никогаш притисокот не ми се покачи, никогаш не почувствував стрес“.

И така доаѓаме до клучната причина зошто од Македонија се иселуваат младите, но не за печалба, туку бегаат.

Сѐ што не е во рамки на закон ни смета, создава притисок, чувство на неправедност, нерамноправност и на крајот кулминира во стрес.

Заминуваат младите од Македонија затоа што им смета да имаме највисока инфлација во Европа, а во исто време Владата да ги убедува дека секаде е исто.

Им смета на младите што знаат дека можеше сето ова да се спречи или да биде со минимални последици, ама тоа никој не го направи и згора на сѐ ги убедува Владата дека донела прави одлуки. Смета тоа што во услови на инфлација, кога Владата треба да внимава како троши, се троши како никогаш досега за да може на тој начин што повеќе да се украде.

Сметаат криминални тендери, плати од 36.000 евра за надзор на изградба на автопат, сметаат неписмените кадри кои се судии и јавни обвинители, а квалитетни деца работат по приватни фирми, иако имаат желба за ова другово.

Смета тоа што енормното трошење на Владата прави притисок на Народна банка да ги зголемува каматните стапки и така народот кој е и така исцрпен, сиромашен, да плаќа уште повеќе.

Смета да завршиш факултет со висок просек и да не можеш ништо да направиш во животот ако немаш кредити, а некои без школо да те надминат само поради тоа што се криминалци.

СМЕТА…

Смета да гледаш секој ден како низ Скопје се возат скапи коли како никаде на друго место, а да знаеш дека најголем дел од нив се купени со криминални пари, а од друга страна на секој втор контејнер да има човек кој буричка во него за да прживее.

Смета тоа што Владата носи одлука криминалните пари да се внесат во систем со приказната дека криминалците ќе купуваат граѓанска обврзница. Смета тоа што кога ќе отидат на шалтер во банка никој нема да ги праша од каде ви се тие пари. Смета тоа што УЈП има право да испитува стекнат имот, а ништо не прави.

Смета тоа што можеш да завршиш било каква работа во здравство или полиција само ако имаш врски, а ако не Господ да ти е на помош.

Смета тоа што има покачување на плата само за избрано друштво, а другите ги убедуваат дека може да се преживее, како тие да не работат и да не заслужуваат повисока плата.

Смета тоа што се симнува од шума и станува главен бизнисмен и политичар во државата.

А најмногу од сѐ смета тоа што се убедени дека народот им верува.

Ќе дојде денот кога ќе се преиспитаат сите овие работи што сметаат. Кога УЈП ќе си ја врши својата работа, но и кога ќе се донесе Закон за потекло на имот врз основа на кој сите ние ќе треба да ги отвориме своите сметки и да видиме кој како го стекнал својот имот.

А дотогаш, секој оној кој што нема да може да го издржи овој стрес ќе ја напушти државата. Затоа што државата ја напуштаат дел од граѓаните кои дигнале раце од понатамошна борба, дел ќе останат да се борат тука за иднината на своите деца.

А печалбарите? За нив печалбата е тука во Македонија. Се додека не дојде тој суден ден кога сите ќе одговараат.

(Авторката е потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ)

Поврзани новости