Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел укажа на неопходноста сите држави-членки на ЕУ да се ослободат од енергетската зависност од Москва. Според него, пченицата би можела да биде следното економско оружје на Русија.
Признавајќи дека сè уште не е постигната едногласност меѓу членките по однос прашањето на енергетската зависност од руските ресурси, Борел во изјава дадена за шпански „Ел Паис“ како опција понуди доброволно откажување од фосилните горива.
Тој, исто така, инсистира на продолжување на поддршката во оружје за Киев.
„Излезот од конфликтот мора да се реши на бојното поле“, вели тој, притоа посочувајќи на, како што рече, „неуспехот на иницијалниот обид на Русија за блицкриг“.
„Не успеаја да го заземат Киев. Тие мораа да се повлечат, да ја сменат тактиката и да ги концентрираат силите во Донбас. Засега губат. Украинците ќе мора да платат висока цена: имаат голем број жртви, инфраструктурата е уништена, цивилите бегаат или гинат. Сепак, плановите на Русија пропаднаа. Да видиме како ќе оди следната битка“, вели Борел.
По однос одредени критики и забелешките дека помошта во оружје за Украина само значи продолжување на конфликтот и предизвикување повеќе жртви, Борел вели дека не е прашање само кога ќе заврши војната туку и како.
„Ако престанеме да ја вооружуваме Украина, конфликтот ќе заврши. Но, што тогаш? Не е важно како ќе заврши? Прашањето не е само кога ќе заврши, туку и како“, вели тој.