Државниот пазарен инспекторат соопшти дека минатата недела казниле 56 угостителски објекти и казина во кои се пушело цигари.
Како што велат од инспекторатот, во деновите по празниците, односно од 10 и 14 јануари, биле извршени над 200 инспекциски надзори на територија на цела држава во согласност со надлежностите кои ги имаат од Законот за заштита од пушење.
„Државниот пазарен инспекторат воспоставува мост помеѓу економските оператори и потрошувачите преку подиректно информирање и со цел превенирање на причините за намалување на последиците. Во периодот по завршување на новогодишните празници Државниот пазарен инспекторат ќе ги интензивира контролите со искористување на своите капацитети“ сe наведува во нивното соопштение.
Инспекторатот соопшти дека за време на надзорите утврдени се неколку неправилности, односно непочитување врз основа на член 2 и член 3 од Законот за заштита од пушењето, за што се издадени 56 прекршочни платни налози.
Во Законот стои дека казната за правното лице е од 2.000 до 4.500 евра, за одговорното лице од 500 до 1.000 евра, а физичкото лице кое ќе биде фатено како пуши во затворен објект ќе биде казнето со 100 до 300 евра, сите во денарска противвредност.