Професорката Ана Павловска -Данева се повлекла од трката за избор на претседател на Уставниот суд, но нејзината противкандидатка Татјана Васиќ – Бозаџиева сепак не го добила потребното мнозинство за да ја наследи Добрила Кацарска, потврдија од Уставниот суд.
Од потребните шест гласа, Васиќ Бозаџиева и по неколку круга останала на пет гласа и ниту еден од уставните судии не се премислил.
Ова беше седми обид да се избере претседател на Уставниот суд, откако и заврши мандатот на Кацарска. Изборот почна во четвртокот кога беа предложени двете кандидатки кои и во четвртокот и во петокот не го добија потребното мнозинство, за Данева гласаа четворица судии, за Васиќ петмина.
Васиќ која стана уставна судијка од позиција на државен советник во повеќе министерство, ја предложила поранешната судијка во Апелација, Татјана Дуковска, а во следните два круга, уставниот судија Фатмир Скендер. Професорката Павловска Данева пак ја предложила нејзината колешка, Јадранка Дабовиќ Атанасовска.
Денеска на пладне ќе има нов обид да се избере претседател, но неизвесно е дали некој од судиите ќе предложи нов кандидат.
Според член 7 од Деловникот Уставниот суд на седница избира претседател на Уставниот суд од редот на судиите со двотретинско мнозинство од вкупниот број на судиите, со тајно гласање. Се гласа додека некој од кандидатите не го добие потребното мнозинство.