На денешната седница на македонскиот парламент, Павле Трајанов, пратеник и претседател на Демократскиот сојуз, во настапот, меѓудругото, нагласи:
„Нема да гласам за техничка-пржинска Влада, бидејќи таа е спротивна на Уставот, како и на времето и условите кога се формираше првата пржинска влада.
Господине Ахмети, со триумфализмот кој го манифестирате, давајќи му историски димензии на изборот на премиер -Албанец на техничката Влада, промовирате етно национализам.
Партиската, националната и верската припадност станаа врвни критериуми за да се биде обвинител судија, директор, па и премиер.
Тоа не се европски врадности, тоа се поделби и затворање во етнички гета.
Со ваков етно-триумфализам, вие од СДСМ и ДУИ, не ја движите Македонија кон Европската унија, туку ја враќате назад кон конфликтот од 2001 година.
Со партизацијата на институциите направивте хаос, граѓаните се очајни, револтирани и сите со единствено прашање, ‘Дали ќе ја биде Македонија?’.
Се согласувам со тоа дека СДСМ и ДУИ широко ги отворија вратите, но не за Македонија во ЕУ, туку за младите, без разлика на етничката припадност, кои заминуват во земјите членки на ЕУ, наместо да се создадат услови да останат овде да создаваат, творат и да формираат семејства во Македонија.
Во делот на економијата, нема економски развој, но имаме највисока инфлација и сиромаштија, компарирано со другите балкански држави.
Немавте проекти за нови фабрики, не отворивте нови работни места, освен еден најкоруптивен договор со БЕХТЕЛ и ЕНКА, договор кој го криете од пратениците, медиумите и од пошироката јавност.
Прво го потпишавте договорот, а после тоа со него усогласувавте пет закони за да ги амнестирате потписниците на овој договор.
Инаку, не го почитувате Охридскиот рамковен договор, ниту Уставот за соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници во органите на власта, вклучително и композитот на оваа Влада, која е резултат на непринципиелен договор помеѓу СДСМ и ДУИ“ рече Трајанов кој гласаше против изборот на техничката Влада.