Мисијата на ОБСЕ во Скопје заедно со Министерството за внатрешни работи деновиве организирала работилница за кривични дела од омраза во Тетово.Но, дел од полицајците кои присуствувале на работилницата решиле да ја напуштат, бидејќи еден од предавачите бил Павле Богоевски, еден од најистакнатите во Шарената револуција.
Според оние кои не сакале да присуствуваат на обуката, со овој акт ОБСЕ ја понижил државата бидејќи им пратил, како што тврдат, лице кое е неколкукратно пријавено за сериозни нарушувања на јавниот ред и мир.
Од ОБСЕ пак, не негираа дека имало реакција на ангажирањето на Богоевски и велат дека тој бил ангажиран како поранешен ментор на Полициската академија.
-Павле Богоевски, кој е поранешен асистент на Факултетот за безбедност во Скопје и поранешен ментор во Полициската академија, беше избран од страна на партнерот за имплементација на проектот, Хелсиншкиот комитет, за да одржи презентација во врска со мапирањето на случаите на кривични дела од омраза. Одредени забелешки беа искажани јавно од страна на еден од учесниците кои потоа беа дискутирани од сите присутни. Потоа работилницата продолжи согласно со планираното и заврши во предвиденото време, велат од ОБСЕ.