Не можам да менувам систематизација за некој без соодветно образование, односно за некој што не ги исполнува посебните услови за вработување во Државниот пазарен инспекторат, да отворам такви места, па по одредено време истите места да ги укинуваме, правам и јас одреден прекршок, односно правам можеби и кривично дело, истакна на денешната прес-конференција директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски по 35-те вработувања во ДПИ, наложени од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.
Тој нагласи дека ДПИ од Владата барал прием на инспектори и да се пополнат испразнети инспекторски места.
– За жал она што го добивме од 35 вработени, сите тие бараат да бидат вработени во три града во западниот дел на земјава, а целот исток ни е празен со инспектори, рече Пауновски.
Тој нагласи дека од таа причина вршат напори и со министерот за економија и со министерот за информатичко општество имаат средби за дел од оние лица кои ги задоволуваат критериумите да станат инспектори во ДПИ.
– А тоа се правниците и економистите, да ги издвоиме од таа група за да можеме да им е обезбедиме и во постоечката систематизација која што со малку проширување би ја довеле во ред, за да не примаме лица како што се детективи, со завршена криминалистика, кои не ќе можат ниту да се унапредуваат во ДПИ, посочи Пауновски.
Тој потенцираше дека за сите сигурно немаат ниту простор ниту услови, а има и вишок таму каде што бараат да се вработат лицата, меѓутоа за еден дел ќе се најде решение и ќе бидат вработени ДПИ.
– Правници и економисти се 12 од тие 35 вработени, за нив можеме и да обезбедиме. Веќе имаме распишано тендер за набавка на инвентар за да обезбедиме за тие луѓе да седнат, компјутер да работат, а не и понатаму да седат дома, а да се водат дека се вработени во ДПИ, истакна Пауновски.