Патувам за Лисабон: Имате ли ново име?

by Фокус

По експресните зборови на добредојде, Пињеиро ме прашува: „Имате ли друго име?“ „Не, но…“ И пред да ме сослуша, вели: „Тогаш состанокот е завршен“, и се крева да стане. Каква дрскост, каква непристојност. Рафалот од зборови што ги испукав директно во него полека го седнаа на столчето.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

(Белешки од годините на независноста)

Размислувам: парадоксално е тоа што дури и да се согласиме со сето што го предлагаат Грците околу Уставот, границите, непријателската пропаганда итн., значи со сѐ до последна точка и запирка, тие не ќе можат да потпишат договор токму поради името „Македонија“, кое ним им е неприфатливо.

Затоа, самите тие го одбегнуваа дијалогот со нас за суштинските работи, наводно, сѐ до решавањето на проблемот за името. Но, како да се реши таков сериозен проблем без суштински дијалог?

КАТАСТРОФА

Следеше нов притисок на Грција врз ЕЗ. На состанокот во Гимареш, во мај 1992 година, министрите на ЕЗ ја истакнуваат подготвеноста да ја признаат Македонија како суверена држава, но условуваат дека тоа ќе го сторат „под име што е прифатливо за сите инволвирани страни“.

Со оваа политичка одлука на ЕЗ, практично се поништува правната одлука на нивната Арбитражна комисија. Со оваа одлука, европските партнери ѝ го обезбедија на Грција првото вето за името.

Ние, се разбира, протестиравме против оваа неправда, но, приспособувајќи се на новата ситуација, не губевме од ентузијазмот, бидејќи се надевавме на некаков компромис, кој ќе овозможеше бргу да излеземе од историскиот и идентитетски ќор-сокак во кој сосила бевме втерани.

Во повторен обид да сменам нешто во наш прилог, успевам да издејствувам средба со Пињеиро во Лисабон. Со цела колекција документи и идеи, летам со малобројната делегација кон Лисабон во надеж дека, бидејќи грчкиот премиер Мицотакис ќе биде во главниот град на Португалија, можеби претседателството на Португалија конечно ќе нѐ помести од мртвата точка.

Ништо од тоа. За оваа португалска политичка гарнитура, која ја имаше честа да раководи со ЕЗ, јас бев тоа што бил Макијавели, како претставник на малата Фиренца на дворот на моќен европски крал – „господин Никој“.

Претпоставувам дека Пињеиро многу љубезно го прашал Мицотакис, кој беше во посета на Лисабон претходниот ден, што да каже во разговорот со мене следниот ден.

Мицотакис, претпоставувам, едноставно му кажал дека сака друго име за државата. Јас, пак, со големи надежи влегов во Министерството за надворешни работи на Португалија, седнувам на една темна фурнирана маса, ги вадам папките со белешки и со нашиот предлог-договор. Но, состанокот беше права катастрофа.

ДРСКИОТ ПИЊЕИРО

По експресните зборови на добредојде, Пињеиро ме прашува: „Имате ли друго име?“ „Не, но…“ И пред да ме сослуша, вели: „Тогаш состанокот е завршен“, и се крева да стане. Каква дрскост, каква непристојност. Рафалот од зборови што ги испукав директно во него полека го седнаа на столчето.

Не се сеќавам што точно кажав, но добро се сеќавам дека на почетокот тој одбиваше да слуша, вртејќи се час лево, час десно. Јас се приковав за столчето и немав намера да станам. Не знам колку траеше тоа, но знам дека му ја турнав раката или ногата на Фрчкоски, седнат до мене, кој се обидуваше да ме крене со шепот: „Ајде да си одиме“.

Останав прикован за столот додека не „му изнареков сѐ“. Потоа нѐ однесоа во некаква гостинска вила, се сместивме, а обезбедувањето од неколку полицајци во цивилно седнаа во последната соба од ходникот со ширум отворена врата, за да можат да нѐ гледаат и да нѐ чуваат.

Никаква средба не беше предвидена за попладнето, уште еден доказ за отсуството на интерес за нас и нашите проблеми, па решивме да одиме да го видиме стариот дел на Лисабон и, на иницијатива на Фрчкоски, да вечераме во некаков мал ресторан. Ресторанот беше навистина мал, ама сметката беше голема – ми отиде целата дневница.

Утредента се качивме во „лир-џетот“ на македонската влада и полетавме кон Скопје. Во еден миг, грамаден летечки објект се исцрта врз „синото платно“ и се „паркира“ покрај нас. Движејќи се со иста брзина, двете летала како да беа закочени на небескиот свод.

Покрај нас беше воен авион, кој „стоеше“ извесно време паралелно со нашето авионче, потоа, во знак на поздрав, со крилата се наведна налево, па надесно и исчезна. Португалците нѐ поздравуваат? Не, тоа беше авион на шпанското воздухопловство, во чиј воздушен простор влеговме, ми велат нашите пилоти.

(Продолжува)

Поврзани новости