Министерот за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли верува дека Северна Македонија многу бргу ќе го ослободи поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК) Томор Морина, кој денеска беше уапсен врз основа на потерница на Интерпол издадена од Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Пацоли преку својот Фејсбук информира дека е во тесен контакт со македонските власти и очекува ослободување на Морина. Тој додаде дека потерниците од Србија се бесмислени и без никаква законска основа.
– Ние сме во тесен контакт со властите во Северна Македонија за да обезбедиме ослободување на Томор Морина, поранешен припадник на ОВК. Политичките потерниците на Србија против борците на слободата на ОВК немаат никаква смисла ниту законска основа и едноставно се засноваат на политички причини. Веруваме дека неговото ослободување ќе се случи наскоро и тој ќе се врати кај неговото семејство. Косово и Северна Македонија имаа тесно пријателство и патнерство и како партнери ние ќе го решиме ова прашање. Томор ќе се ослободи набргу, напиша Пацоли.
Поранешниот припадник на ОВК Томор Морина, учесник во борбите во областа Дукаѓин во Косово, денеска е уапсен на граничниот премин Блаце.
Од македонското МВР за МИА потврдија дека Морина е уапсен по барање на Србија, поради сомнение за учество во воени злосторства против цивилното население на Косово.