На 3 мај пред Министерство за финансии пациентите со цистична фиброза најавија протест доколку не добијат одговор од надлежните институции, до каде е набавката на лекот „трикафта“. Ова денеска го најави претседателот на Асоцијацијата за цистична фиброза, Фики Гаспар. Појасни дека пред велигденските празници испратиле допис, но засега се без одговор.
– Сѐ уште немаме одговор, иако, неофицијално, преку одредени луѓе слушаме дека работата се движи и дека имаат иницијатива и дека работат на целата проблематика. Но, проблемот е што ние сѐ уште немаме добиено допис – рече Гаспар.
Напомена дека протестот би бил пред МФ „затоа што сметаме дека доколку се обезбеди буџетот, работите ќе бидат многу побрзи“.
Гаспар вели дека за 80 пациенти лекот е соодветен, а во моментов, „трикафта“ примаат 12 лица.