Патронажна служба составена од лекар и медицинска сестра од почетокот на 1 август ќе им ја дава потребната здравствена заштита и нега на жителите на Лазарополе секој четврток од 9 до 13:30 часот до крајот на летната сезона.
Медицинскиот тим е од Здравствениот дом во Ростуше, а за мобилниот сервис е наменета просторија на месната заедница (старата општина) во Лазарополе, соопшти Министерството за здравство.
Министерството информира дека неговите интегрирани услуги за домашна нега од Светската здравствена организација се оценети како одлична мерка за поттикнување на унапредувањето на здравствените услуги кај граѓаните.
Патронажната служба во Кочани, Ресен и Галичник се покажа како ефикасна, каде стручниот тим оди на терен и се грижи за здравјето на жителите. На овој начин, здравствените услуги ги доближуваме поблиску до граѓаните, најблиску до домот на живеење, наведува Министерството за здравство.