На маргините на Белградскиот безбедносен форум, во интервју за Euronews, вицепремиерот Никола Димитров зборува за кредибилитетот на ЕУ во регионот, во светло на последниот пакет за проширување на Европската комисија, како и регионалната соработка и нејзината важност во контекст на европската интеграција.
Осврнувајќи се на наодите од последниот Извештај на ЕК за Северна Македонија, Димитров истакнува дека отсуството на акција по однос на препораките на Комисијата, ја намалува тежината на овие наоди.
„Македонскиот пат кон ЕУ е посебно тежок, за жал. Можеби и најтежок. Почнавме меѓу првите. Практично Договорот за Стабилизација и асоцијација го потпишавме пред Хрватска. Хрватска е членка веќе 8 години, ние не можеме да го почнеме, уште сме пред вратата, чукаме на вратата на процесот. Првиот добар извештај стигна во 2009 година. Значи ние имаме над 10 добри извештаи коишто не се доволни за акција. И во таа смисла, од таа страна, се разбира тој документ е важен, бидејќи е оценка за земјата во однос на реформите. Ние имаме сосем споредливи резултати и со Србија и со Црна Гора – земји коишто се во процесот веќе со години, и во првиот кластер темели и во вториот кластер, и во третиот кластер, и во четвртиот, итн. Меѓутоа тоа што нема акција на некој начин ја намалува тежината на овие извештаи и во извештајот во пакетот на проширување дури и самата Комисија го констатира“, вели Димитров.