-Мајка ми Нада Ј. беше навредувана, без малку линчувана од патниците во автобусот, откако кажала дека се враќа од Верона, Италија. Ја обвинувале дека можеби има коронавирус, дека може да им ја пренесе заразата – вака за Jutarnj.hr раскажува синот на седумдесетгодишната Нада од Загреб, која што живеела во Верона, а пред неколку дена решила да се врати во Хрватска.
Таа со воз тргнала од Верона, а потоа во Трст го продолжила патувањето со автобус кон Загреб.
На патниците не им кажала од каде доаѓа, и се било во ред се додека не пристигнале на граничниот премин Обрежје – Брегана. Кога на цариникот му кажала дека доаѓа од Италија, од место каде што владее голем ризик за зараза со коронавирус, патниците од автобусот започнале да ја навредуваат.
-Само поради тоа што си ја исполнила граѓанската должност, мојата мајка била навредувана, и дофрлале, сакале да ја линчуваат. Била замолена од страна на цариникот да потполни формулар, а потоа сите патници биле префрлени во друг автобус. Мајка ми на крај, сама беше донесена на Автобуската Станица во Загреб – раскажува синот на Н.Ј. за хрватските медиуми.
И жената од Скопје која е прв случај со коронавирус во земјава, патувала со комбе заедно со уште девет лица. Две недели била болна, но не направила тест за коронавирус во Италија.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека таа не дала точни податоци на граничниот премин, инаку ќе се интервенирало на самата граница. Нејзината постапка наиде на голема осуда од страна на јавноста.
Вики Клинчарова