Благодарни сме им на сите кои ни помогнаа кога ни беше најпотребно. Дома се враќаме со трауми кои нема да ги заборавиме цел жвот, но ќе ги памтиме и добрите луѓе од Србија, кои покажаа голема хуманост и пожртвуваност, изјави за српскиот портал „Новости“ една од повредените патници во автобусот, кој ноќта помеѓу сабота и недела излета од автопатот во близина на Лесковац.
Во несреќата во која се преврте автобусот со македонски регистарски таблички, кој патувал на релација Битола-Виена, беа повредени 32 патници, а три лица починаа, сите државјани на Македонија.
Сите пациенти кои беа хоспитализирани во Клиничкиот центар во Ниш и во лесковачката Општа болница, успешно закрепнуваат. Ниту еден не е во животна опасност.
Ремзи Демиров од Штип раскажува како се здобил со повредите. Тој уште не може да поверува што му се случило.
-Имам повреди на градниот кош и на клучната коска. Заспав после граница, кога слушнав викотници. Ги отворив очите и видов дека автобусот се движ лево-десно. Се фатив за седиштето и тогаш автобусот се преврте. Раката ми остана под седиштето. Едвај успеав да излезам надвор – вели Демиров.
Се уште се шпекулира што е причина за несреќата. Се претпоставува дека возачот на автобусот не ја прилагодил брзината на условите на патот, поради што изгубил контрола над возилото. Во време на несреќата, околу два саат после полноќ, во Лесковац паѓаше снег, а претходно дожд, што придонесе за лизгавоста на патот.
Според неофицијални информации на возачот ќе биде задржан во Србија на барање на обвинителството, додека не се утврди што ја предизвикало трагедијата. Возачот инаку, закрепнува од повредете. Тој се здобил со скршеница на левата нога и набиетини.