Патните трошоци под тапи ножици, СДСМ предлага кратење од 30% на 20%

by fokus

Намалувањето на патните трошоци што преку законски измени го предлагаат пратениците на СДСМ е за само 10 отсто. Наместо предвидените 30 отсто надомест за потрошено гориво, пратениците предлагаат да имаат право на 20 отсто од потрошената сума по литар гориво.

Измените на Законот за пратеници и на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, веќе се влезени во собраниска процедура. За нив ќе се расправа оваа недела на матичните собраниски комисии, а зад измените се потпишани 46 пратеници од СДСМ и коалицијата.

Во предлогот стои дека со имените ќе се постигнат заштеди во државната каса.

„Како клучната причина поради која пратениците ги користат сопствените возила за службени цели е непостоењето на адекватен и соодветен јавен меѓуградски превоз – автобуски и железнички, кој би ги задоволил и исполнил реалните барања и потреби. Потребата од предложените измени е во насока на намалување на трошоците од државниот буџет, постигнување на одредени заштеди на буџетските финансиски средства и спречување на евентуални злоупотреби во трошењето на народните пари“, стои во образложението.

Бидејќи како прво и најважно е наведена заштедата во буџетот на државата, пресметките покажуваат дека со намалувањето од само 10 отсто, трошоците и понатаму би биле високи. Од таму со овие измени наместо 11.506 евра за една година, некогашната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, би добила 7.650 евра.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, пак, за првите четири месеци од 2017 година направил трошоци во износ од 3843 евра. Со измените кои ги предлага неговата пратеничка група, Тунтев би добил надомест во висина од 2.562 евра.

„Предложената висина на надоместокот за користење на возила во лична сопственост за службени цели, која пратениците ќе ја добиваат согласно одредбите, иако е намалена сепак е адекватна за трошоците за амортизација на возилата кои ги користат за ефикасно и навремено извршување на својата функција“, стои во предлог законот.

 

Поврзани новости