Државата размислува да го промени системот на наплата на патарините со цел да го задржи високиот приход од над 65 милиони евра годишно. На коридор 8, кој сè уште не е изграден, се проценува можноста да се воведе затворен систем на наплата, односно возење и наплата според изминат километар. Вињетата, начин на наплата кој граѓаните го гледаат како поевтино и стимулативно решение за користење автопатишта без трета лента, засега не се опција за државата.
Пишува: Орце КОСТОВ
Во првите шест месеци од 2026 година, државата инкасирала рекордни 1,92 милијарди денари, или нешто над 31 милион евра од наплата на патарина. Во споредба со ланската година се наплатени 21,9 милиони денари повеќе, односно 350.000 евра.
Од наплата на патарини минатата година (заклучно со 23 декември) беше остварен промет од 4.158.914.362 денари (67.624.624 евра) и оваа бројка, со оглед на зголемената фреквенција во јули, август и во септември, ќе биде сигурно надмината во текот на оваа календарска година.
Јавното претпритијатие за државни патишта (ЈПДП) информира дека најфреквентна наплатна станица е Тетово, додека според собраните средства и цената на билетите, највисоки приходи има на Романовце, кај Куманово по што следуваат Миладиновци, Петровец, Глумово, Желино, Тетово, Стоби, Преод, Гостивар, Сопот, Гевгелија, Кадрифаково, Отовица и Демир Капија.
Учеството на електронската наплата со М-Кард и М-ТАГ, во вкупниот промет на наплата е 36 проценти, од вкупно 11 наплатни станици каде што е воведена.
За да ги „уживате бенефитите од одобрените попусти, кои на подолг период имаат и одреден финансиски импакт“, како што велат од ЈПДП, однапред треба да имате прилично висока сума за надополнување. Превозниците на патници и на стока, секако, ги имаат овие средства, но не и оние работници што патуваат со автомобил од Тетово, Куманово или Велес кон Скопје и обратно.
„Патувам од Велес кон Скопје секој ден цела година. Патарината ме чини 85 евра месечно или 1.030 евра годишно. За да добијам попуст од 3.000 денари, јас треба да надополнам максимални 1.030 евра. Па, кој има толку пари однапред. Или да подигнам кредит со камата од седум отсто за да добијам попуст од пет отсто. Прескапи ни се патарините, а возиме по лоши автопатишта, кои немаат ниту лента за застанување. Небезбедни се и не се одржуваат. Во Бугарија можам да возам цел месец за 15 евра по сите нивни патишта, а тука со оваа сума не можам да извозам ниту една недела на релација Велес – Скопје – Велес“, вели вработен велешанец на патарината Петровец, кој секојдневно, заедно со група колеги, патува на работа во главниот град.
Електронскиот систем за наплата на патарини во државава беше воведен во јули 2019 година.
ЗАКОНСКА НАПЛАТА НА НЕЗАКОНСКИ АВТОПАТИШТА
ЈПДП, лани оствари рекорден приход од 68 милиони евра од наплата на патарини за патишта, кои не ги исполнуваат највисоките стандарди, а згора на тоа, од негова сметка се финансира и загубарот „Македонија пат.“
Генерално, за најголемиот дел од граѓаните е помал проблем тоа што се наплаќа патарина, а поголем е времето на реконструкција на коловозите и невложување во безбедноста на делниците.
На делницата Катланово – Велес, брзината на движење е намалена на 50 км/ч пред тунелот Катланово, потоа е зголемена на 70 км/ч пред безбедносната контрола на брзина со новиот систем Сејф сити, а дури потоа, дозволената брзина е зголемена на 80 км/ч, што е минимална брзина за движење по автопат.
Сликата од терен покажува дека најголем дел од знаците не се поставени на едно место, хоризонталната сигнализација на места е збунувачка и може да го збуни возачот, тревите околу коловозот не се искастрени, малите камења од одроните најчесто возачите сами ги чистат, а оградите на автопатиштата, или се украдени, или се уништени.
Претпријатието „Македонија пат“ обично нема поим за тоа затоа што ретко може да го начекате да работи на патот, иако има обврска да постапува и континуирано да ја заменува оштетената и најчесто нелегално отстранета оградна мрежа на автопатиштата.
Во Законот за јавни патишта стои дека автопат е категорија на пат со најмалку две возни ленти и една лента за принудно застанување. Но, делниците Катланово – Велес, Тетово – Гостивар и Гостивар – Тетово немаат лента за принудно застанување и затоа тие не припаѓаат во категоријата автопат, иако ЈПДП патишта наплаќа патарини на овие делници. Згора на тоа, патот Катланово – Велес е дел од Е-75 Европскиот автопат, кој почнува во Варде, Норвешка, и завршува во Атина, Грција.
На овие делници често има возила што имаат проблеми, тие не можат да се отстранат затоа што нема таква лента и на тој начин тоа возило го загрозува сообраќајот на пат каде што се возат поголеми брзини.
Сепак, огласно Уредбата за критериуми за категоризација на јавните патишта и нивните ознаки, делниците ги исполнуваат условите за А-патишта.
„Според државното, економското, стопанското и сообраќајното значење, како и нивото на изграденост, дел од државните патишта се категоризираат како автопатишта, експресни патишта и магистрални патишта (А-патишта) и служат за:
-поврзување на Република Македонија во европскиот патен систем и одржување континуитет на меѓународната патна мрежа (меѓународните коридори – Е патишта),
-поврзување на патната мрежа со меѓународни патни гранични премини и сообраќајно поврзување со патиштата на соседните држави“.
Токму оваа уредба, државата ја „заштитила“ наплатата на патарини, иако на терен состојбата е сосема различна.
Граѓаните, освен патарини, плаќаат и надоместок за јавни патишта за моторни возила при регистрација на возилата. Патарина се плаќа за користење на дел од пат, односно „надоместок за употреба на јавен пат, негов дел или објект на патот (автопат), а надоместок за јавни патишта за моторни возила (патна такса) се плаќа за користење на сите патишта во државата“.
Тоа значи дека на една делница на автопат ѝ плаќате двојно на државата, еднаш на наплатна станица, еднаш при регистрација на возилото.
НОВ ЗАТВОРЕН СИСТЕМ НА НАПЛАТА
Од почетокот на март 2027 година, Хрватска треба да се откаже од постоечкиот систем на патарини и да воведе целосно електронска наплата под името Кролибертас.
Новиот систем, чија имплементација е планирана од 1 март 2027 година, треба да ја елиминира потребата од запирање возила на наплатните пунктови, земање картичка и плаќање при излез од автопатот. Наместо тоа, ќе се воведе систем на слободен проток на сообраќај, во кој наплатата ќе се врши електронски. Патарините ќе продолжат да се пресметуваат според поминатото растојание и категоријата на возила, што значи дека возачите ќе плаќаат според бројот на километри што ќе ги поминат на автопатот.
Најголемата промена се однесува на технологијата и начинот на наплата, кои ќе бидат автоматизирани, побрзи и поефикасни. Целта на новиот систем е да се намали метежот на патарините, да се скрати времето на патување и да се намалат емисиите предизвикани од честото запирање и рестартирање на возилата.
Нешто слично кај нас најави министерот за транспорт и врски, Александар Николоски.
–Сметаме дека вињетките би биле прескапи за граѓаните. Но, сериозно размислуваме за нова идеја, за таканаречени портали, односно сензори, кои се поврзани директно со еден таг, кое секое возило би било обврзано да го има и би се делело бесплатно. На тој начин би се наплаќала патарина по километар, најави министерот Николоски.
Иако на Коридор 8, автопатот е сè уште во изградба, ЈПДП размислува за воведување на моделот на наплата на патарини како во Србија, кој претставува затворен систем за наплата за поминати километри.
Новата физибилити студија за наплата на патарина по Коридор 8, која граѓаните ќе ги чини 336 илјади евра, а ќе ја изработи словенечката компанија „ИГЕА ДОО“ преку нејзините подизведувачи од Македонија „ПРИМА ИНЖЕНЕРИНГ ДООЕЛ-Скопје и „IBE d.d.“, треба да покаже дали на автопатот од Скопје преку Тетово, Гостивар, Кичево до Охрид, односно Струга и граничниот премин Кафасан кон Албанија ќе се наплаќа патарина преку затворен систем.
Изведувачот на студијата треба да направи проценки на терен и да ги предвиди сите финансиски импликации од воведувањето таков систем, со оглед на тоа дека тој систем бара изградба на наплатни станици или рампи на секој влез и излез од автопатот. Тоа, пак, подрзбира и повеќе вработени на наплатните пунктови, освен ако не се воведе целосно автоматизиран систем, како што е случај во Италија.
–Во моментов, на автопатските делници во Р.С. Македонија се користи отворен систем за наплата на патарина, каде што корисниците плаќаат на фиксни наплатни станици. За новоизградени или реконструирани автопатски деланици, честопати е посоодветен затворен систем за наплата на патарина, кој е попријатен, побрз, побезбеден, со зголемена контрола на брзина на возење и загадувањето е значително намалено.
Изборот на затворен систем на наплата на патарина, исто така, произлегува и од Одлуката на Владата со бр. 41-4094/2 од 09.04.2024 година, која донесе Заклучок со кој го овластува Јавното претпријатие за државни патишта да воспостави затворен систем на наплата на патарина на Коридор 8: Тетово – Гостивар – Букојчани и Требеништа –Струга – Ќафасан делница на автопат и Коридор 10д: делница на автопат Прилеп – Битола.
Имплементацијата на затворен систем бара соодветна инфраструктура на сите влезови и излези на клучките. Затоа, потребно е да се процени дали постојните или планираните клучки на автопатската делница се соодветни за таков систем и да се утврдат најсоодветните технолошки и организациски решенија, образложија од ЈПДП за потребата од воведување нов систем за наплата на Коридор 8.
КОЛКУ СЕ КОРИСТИ, ТОЛКУ ДА СЕ ПЛАТИ
Студијата ќе утврди дали постојните или планираните автопатски клучки (влез/излез) се соодветни за инсталација на затворен систем наплата на патарина, кои технологии за наплата на патарина се соодветни (рачно, автоматски, електронски, free-flow).
Патарини во Македонија се наплаќаат според закон усвоен во Собранието, кој вели дека ние имаме отворен систем на патарини и плаќањето е изедначено со Директива на Европската комисија: колку се користи, толку треба да се плати.
Но, во Директивата 1999/62/ЕЗ е пропишано дека патарини мора да се наплаќаат според поминатото растојание и типот на возилото.
„Патарините мора да се наплаќаат според поминатото растојание и типот на возилото, додека вињетите се категоризираат според времетраењето на користењето на инфраструктурата. Вињетите мора постепено да бидат исфрлени од патната мрежа TEN-T до 2030 година, со некои специфични исклучоци. Националните патарини и вињети не смеат да го дискриминираат меѓународниот сообраќај, особено цената на краткорочните вињети треба да биде пропорционална за да не се дискриминираат повремените корисници.
Ослободување од обврската за плаќање такси или намалени давачки може да се даде само во конкретни случаи и се забранети прекумерни попусти на патарините.
Шемите за наплата треба да предизвикаат што е можно помали пречки за слободниот проток на сообраќај, избегнувајќи задолжителни проверки на внатрешните граници на ЕУ, каде што е економски изводливо, тие треба да се собираат со помош на електронски систем за патарина“, стои во Директивата на ЕУ.
Засега, не е познато дали нов систем е предвидено да се имплементира и на Коридор 10, каде што фреквенцијата на движење е најголема и има 5 наплатни станици, кои го забавуваат движењето на сообраќајот. Од Јавното претпријатие за државни патишта, до затворањето на неделникот, не стигна одговор на нашето прашање дали новиот систем за Коридор 8 ќе се воведе на стариот автопат за Гостивар или ќе се чека изградбата на новиот. Немаше одговор ниту на прашањето зошто не се размислува за воведување вињета на Коридор 10 за конечно да им се излезе во пресрет на најголемиот дел од граѓаните.
ГРАЃАНИТЕ СОНУВААТ ЗА ВИЊЕТА
Жител на Гостивар, кој сака да оди на одмор во Грција со автомобил, ќе плати 1.000 денари патарини за вкупно 460 километри во двата правци од автопатот до македонско-грчката граница и назад или 2,57 денари по километар автопат што Македонија ја прави земја со едни од најскапите, но не и најдобри патишта во Западен Балкан.
Патникот што со автомобил ќе вози од Табановце до граничниот премин Богородица, ќе плати 760 денари во двата правци.
Како пример за споредба може да се земе соседна Србија, која наплаќа патарина по затворен принцип, односно според поминати километри на автопат, а не според автопатска делница.
Од граничниот премин Табановце – Прешево до српско-унгарската граница Хоргош има 600 километри во еден правец или вкупно 1.200 километри. Минувањето низ оваа делница во Србија, со поскапувањето на патарините од годинава, ќе ве чини 52 евра во двата правци, или 2,7 денари по километар во категоријата за патнички автомобил, што е малку поскапо од кај нас, но квалитетот на патот е далеку подобар.
Во дел од европските земји, системот на наплата е со електронска вињета, која се издава на неделно, месечно или на годишно ниво. Во Бугарија се вози цел месец за 16,55 евра на автопатишта, експресни и магистрални патишта, во Романија цел месец се вози за 14 евра, во Словенија една недела чини 16 евра, а во Унгарија треба да се плати околу 17 евра за десет дена.
Кај нас, на делницата Скопје – Демир Капија – Скопје, со 12 евра колку што чини неделна вињета во Австрија, може да се вози само два дена по релативно лош асфалтен пат без добро осветлување на клучките и на одредени делници, без лента за запирање, која е од исклучително значење за ваквиот вид сообраќај.
Пред три години, политичката партија Левица побара измена на Законот за јавни патишта, со која се предвидуваше намалување на цените на патарините за 50 отсто, но тогашната владејачката коалиција СДСМ-ДУИ го одби.
Ексминистерот за транспорт и врски, Благој Бочварски рече дека тогашната влада разработува модалитети со кои ќе се намали цената на патарините на автопатиштата, односно можности за тоа колку може и дали е можно да се намалат цените на патарините. Според него, моделот со вињетките не беше доволно праведен.
Цените на патарините, односно висината и начинот на наплата на надоместок за употреба на пат ги одредува владата со одлука, која ја регулира оваа давачка. Надоместокот за патарина километар за возилата од прва категорија Б се зема како основна категорија.
„Износот на надоместокот за извозено растојание од еден километар (надоместок за поминат километар) за возилата од прва категорија Б (основна категорија), изнесува 2,5784 денари/километар по возило. Вкупното извозено растојание за кое се наплаќа патарина се пресметува со множење на надоместокот за поминат километар, со должината на делницата за која се врши наплата на патарина“, стои во владината уредба.
ЛАНИ ГРАЃАНИТЕ „ИЗВОЗИЛЕ“ 68 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ПАТАРИНИ
Врз основа на оваа владина одлука, Јавното претпријатие за државни патишта во 2025 година остварило 68 милиони евра годишен приход од патарини, што е повеќе од 100 отсто зголемување на наплатата во однос на 2020 година, кога изнесуваш 34 милиони евра.
Во 2021 година, по таа основа беа инаксирани 46 милиони евра, а во 2022 година, 53 милиони евра. Во 2023 година, ЈПДП заработи 62 милиони евра, додека вкупните приходи на ЈПДП од наплата на патарина за 2024 година се 66,5 милиони евра.
Текстот е објавен на 10 септември 2026 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.614